Password Production и Sure Shotz со задоволство ви го најавуваат концертот кој хип хоп публиката кај нас долго го исчекува, но со сигурност многу подолго ќе го памети. Конечно, на 7ми јули во Скопје гостува KRS-One – маестралниот артист на хип хоп сцената и вистинскиот емси на сите времиња.

Кришна Лоренс Пакерпознат под псевдонимот KRS-One е американски емси и продуцент кој доаѓа од Њујорк. Покрај неговиот псевдоним низ годините го знаете и под имињата: “Kris Parker”, “The Blastmaster”, “The Teacha” и “The Philosopher”, а KRS-One претставува акроним од “Knowledge Reigns Supreme Over Nearly Everyone”, кое исто така во младоста било неговото графити-име. Својата хип-хоп кариера ја започнува во 1987 година и е активен до денес. Неговата музика ја карактеризира бум-бап звукот, а има соработувано со бројни славни артисти како Marley Marl, Dj Premier, Scott La Rock, BuckShot, Freddie Foxx, Showbiz, Fat Joe, Kid Capri и ред други звучни имиња од светот на хип-хопот. Значаен за хип-хоп заедницата ширум светот, честопати е наречен “Eсенцијата на рап музиката” , како еден од најдобрите што застанале зад микрофонот. Како дел од хип-хоп екипата Boogie Down Productions, е познат по поставувањето на патот на хардкор и социјално -политичкиот рап и по издавањето на еден од највлијателните рап албуми – “Criminal Minded” заедно со Скот Ла Рок. За неговиот талент говорат и бројните освоени награди како VH1 – Hip-Hop Honors (2004), BET – I Am Hip-Hop (2007), Lifetime Achievement (2007), Urban Music – Living Legend Award (2009). Крис исто така е и основач на движењето “Temple Of Hip-Hop” и “Stop The Violence Movement”.
Иако одамна го стекна статусот на жива легенда на хип хоп светот, тој и денес, после повеќе од 25 години, со истиот ентузијазам и константен квалитет опстојува како институција. Човекот познат по изреката која стана максима на цело движење (“Рапот е нешто што го правиш, Хип-Хопот е нешто што го живееш”), доаѓа да ја претстави својата хип хоп филозофија со концерт пред македонската пубила. KRS-One зад себе има по еден албум (било да е тоа соло или колаборативен проект) скоро секоја година од своето деби издание со BDP во 1987. Иако е на хип хоп сцената со децении, KRS-One вели дека допрва нѐ очекуваат изненадувањата во неговата работа, најавувајќи го и неговиот нов, дваесетти албум „Just Like That“ , со кој сака да го привлече вниманието на својата публика и да ги натера луѓето повеќе да размислуваат, да бидат храбри и да го искористат секој ден „како да е последен“. Преку моќните рими, на кои сме навикнати кога е тој во прашање, KRS-One говори за сите проблеми и значајни работи на кои не им обрнуваме внимание и го продолжува овој тренд и со објавувањето на овој албум кој секако ќе имаме можност да го чуеме во живо на 7ми јули 2013.
Добро подгответе се и наскоро очекувајте ги и останатите детали за концертот кој ќе ви ја одбележи годината.
password.mk